swMenuFree

Македонскиот тим со две бронзи на Интернационалната Олимпијада по Информатика

Бронзените медали ги освоија Предраг Груевски од Битола и Христијан Богоевски од Скопје, ученици во Гимназијата „Јахја Кемал“ од Скопје. Со тоа, годинешниот успех за Македонија е најголемиот успех досега на ИОИ.

 

Премиерот на Тајланд, Абхасит Веџаџива ја отвори 23-тата Интернационална олимпијада по информатика (ИОИ) која годинава се одржа во Тајланд под покровителство на Нејзиното височество Принцезата Маха Чакри Сириндорн од 22-ри до 29-ти јули. ИОИ е врвниот натпревар во програмирање и алгоритамско размислување на кој редовно учествуваат репрезентации од околу 80 земји во светот.

Македонската репрезентација составена од Предраг Груевски, Христијан Богоевски, Дејан Божиновски и Јован Крајевски под раководство на м-р Миле Јованов и Бојан Костадинов е една од 78-те репрезентации кои учествуваа оваа година, а натпреварувачите се натпреваруваа во конкуренција од 301 натпреварувач.

Подобрувајќи го успехот од претходната година, македонските натпреварувачи освоија 2 бронзени медали и две специјални пофалби. Со тоа, годинешниот успех за Македонија е најголемиот успех досега на ИОИ.

Претседателот на Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), м-р Миле Јованов, по повод успехот на репрезентацијата рече: „Здружението на информатичарите на Македонија редовно организира натпревари за избор на најдобрите ученици за учество на интернационалните натпревари. Сепак, натпреварите во Македонија не претставуваат само избор, туку тие се една долготрајна целогодишна активност која се обидува да привлече што поголем број ученици од основните и средните училишта и го подига нивното ниво на знаења во областа на програмирањето и алгоритамските вештини. Затоа, овој голем успех не може да се смета за случаен, туку е резултат на напорната работа која ја работат ентузијастите во ЗИМ.

Имаме големи планови за претстојната учебна година која набрзо почнува и се надевам дека ќе успееме да обезбедиме финансии за спроведување на предвидените активности. Оваа година, одреден дел од нашите активности (билети за патување) беа покриени од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство при УКИМ – ФИНКИ, Град Скопје, Природно – математичкиот факултет при УКИМ  и компаниите Сивус, Нетцетера и Мајкрософт, а значаен дел беа спроведени со волонтерско учество на неколкумина членови на ЗИМ”.

© 2009-2022 Здружение на информатичарите на Македонија. Сите права се задржани.