swMenuFree

Бронзен медал на ЕЈОИ 2020

Македонските јуниори-информатичари и годинава успешни: Бронзен медал на Европската јуниорска олимпијада по информатика одржана како онлајн натпревар во Грузија

 

Македонските ученици – информатичари и годинава продолжуваат со успешните настапи на јуниорските меѓународни натпревари по информатика (за ученици на возраст до 15,5 години). На 4-тата по ред Европска јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ 2020), која од 2-ри до 6-ти септември се одржа во облик на онлајн натпревар, македонскиот тим, составен од натпреварувачите Сара Стефановска од Крива Паланка, Атина Рувинова од Охрид, Јан Стојановски од Скопје, Иван Јованоски од Прилеп и како неофицијален натпреварувач Ева Димитриевска од Куманово, раководени од лидерите, д-р Миле Јованов и м-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), освои бронзен медал.

Според изјавата на претседателот на ЗИМ, д-р Миле Јованов: „Учениците од тимот беа избрани преку целогодишен циклус на натпревари, кој што редовно се организира од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), а оваа година се одржа по 31-ви пат во видоизменети услови заради актуелната пандемија. За среќа, натпреварите по информатика се одржуваат преку системот mendo.mk кој е онлајн достапен за вежбање во текот на целата година за сите заинтересирани натпреварувачи.“

Официјален домаќин на ЕЈОИ 2020 е Грузија, а главен организатор е Министерството за образование, наука, култура и спорт на Грузија. Примарна цел на ЕЈОИ како значаен и елитен образовен настан е да се поттикне интересот за информатиката кај децата од помала возраст (до 15,5 години) во сите земји од Европа, како и да се овозможи на најдобрите европски млади таленти на оваа возраст да ги покажат знаењата и вештините кои што веќе ги стекнале во оваа област, а поконкретно во програмирањето. Секоја земја на ЕЈОИ учествува со тим кој се состои од 4 натпреварувачи, лидер и заменик лидер на тимот, а оваа година заради специфичните околности (онлајн натпреварување), беше овозможено да бидат пријавени и неофицијални натпреварувачи чии резултати не се земаат во предвид при официјалното рангирање. Учениците се натпреваруваат во решавање на алгоритамски проблеми во два натпреварувачки дена.

Заради пандемијата, оваа година за прв пат Европската јуниорска олимпијада по информатика се спроведуваше онлајн, при што натпреварувачите од секој национален тим беа надгледувани од страна на нивните лидери. Дополнително, заради обезбедување на комплетна регуларност на натпреварот, натпреварувачите беа и под постојан видео надзор (видео камера и софтвер за снимање на сите активности на натпреварувачот на компјутерот на кој што работи). Македонскиот тим се натпреваруваше од просториите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) кој ги овозможи сите услови за квалитетно техничко поврзување со Грузија.

На ЕЈОИ 2020 учествуваа вкупно 92 ученици од 27 европски земји. Во исклучително силната конкуренција, освојувач на бронзениот медал за Македонија е ученичката Сара Стефановска од Крива Паланка. Овој успех на нашиот тим уште еднаш потврдува дека младите македонски ученици поседуваат знаење со кое што може да се носат рамо до рамо со своите врсници од цела Европа, па и пошироко.

Доколку условите го дозволат тоа, следната, 5-та по ред, Европска јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ 2021) ќе се одржи идната година, на лице место – во Тбилиси, Грузија.

Веб страна за настанот: https://ejoi2020.ge

Соопштение до медиуми за ЕЈОИ 2020

© 2009-2022 Здружение на информатичарите на Македонија. Сите права се задржани.