swMenuFree

Две бронзи на БОИ 2016

Бронзените медали ги освоија Владимир Максимовски и Димитар Бајрактаров.

На 24-тата Балканска олимпијада по информатика (БОИ 2016), која од 27-ми јуни до 2-ри јули се одржа во Никозија, Кипар, македонските средношколци постигнаа извонреден резултат. Македонскиот тим на овој престижен натпревар во програмирање, составен од учениците Владимир Максимовски, Димитар Бајрактаров, Филип Михов и Марко Ќаласан, предводени од лидерите, м-р Емил Станков и д-р Марија Михова од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), освои две бронзени медали. Овој резултат претставува продолжување на континуитетот на успешни претставувања на Македонија на меѓународните информатички олимпијади во последниве неколку години и уште еден доказ за знаењето и вештините од областа на компјутерските науки што ги поседуваат нашите ученици.

Балканската олимпијада е годишен настан на кој партиципираат 12 земји со тимови од четворица натпреварувачи, а во последните 3 години оваа балканска организација ја предводи д-р Миле Јованов, професор од ФИНКИ. На годинешната БОИ 2016 учествуваат вкупно 41 од најдобрите средношколци во областа на компјутерските науки, избрани преку годишните национални натпревари во програмирање на следните балкански земји: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар, Грција, Македонија, Молдавија, Црна Гора, Романија, Србија и Словенија. Во ваква силна конкуренција, бронзените медали за Македонија ги освоија Владимир Максимовски, ученик во ПСУ „Јахја Кемал“ – Бутел, Скопје, како и Димитар Бајрактаров, ученик во СОУ „Јане Сандански“ – Струмица. Треба да се спомене дека Максимовски беше на чекор до освојување на сребрен медал, а покрај Бајрактаров, и останатите двајца наши натпреварувачи постигнаа солидни резултати.

Нашиот тим беше избран во целогодишен циклус натпревари организиран од Здружението на информатичарите на Македонија, со поддршка на Агенцијата за млади и спорт на Македонија, Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и општествено одговорните компании Докстеам и Семос Едукација. Натпреварите се одржуваат преку системот mendo.mk кој е достапен во текот на целата година за сите заинтересирани натпреварувачи.

Следната, 25-та по ред, Балканска Олимпијада по Информатика (БОИ 2017), ќе се одржи идната година во Молдавија, а пред македонскиот тим е исправен предизвикот за Интернационалната олимпијада по информатика (ИОИ 2016) која се одржува во август во Казањ, Русија.

© 2009-2022 Здружение на информатичарите на Македонија. Сите права се задржани.