Бронзениот медал го освои Михаил Денковски.
На 23-тата Балканска Олимпијада по Информатика (БОИ 2015), која од 28-ми јуни до 3-ти јули се одржа во Русе, Бугарија, македонските средношколци постигнаа уште еден забележителен резултат. Македонскиот тим на овој престижен натпревар во програмирање, составен од учениците Климент Серафимов, Христијан Ѓоршевски, Борис Танчовски и Михаил Денковски, предводени од лидерите, м-р Емил Станков и м-р Весна Киранџиска од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), се закити со бронзен медал. Резултатот остварен на овој натпревар претставува продолжување на традицијата на успешни претставувања на Македонија на интернационалните информатички олимпијади во последниве неколку години и уште една нова потврда за знаењата и вештините од областа на компјутерските науки што ги поседуваат нашите ученици.
На БОИ 2015 учествуваат вкупно 42 од најдобрите средношколци во областа на компјутерските науки, кои беа избрани преку годишните национални натпревари во програмирање на следните балкански земји: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар, Грција, Македонија, Молдавија, Црна Гора, Романија, Србија и Турција. Во ваква силна конкуренција, бронзениот медал за Македонија го освои 16-годишниот Михаил Денковски, ученик во ПСУ „Јахја Кемал" во Скопје. Треба да се напомене дека и останатите тројца наши натпреварувачи постигнаа солидни резултати – на еден од нив бронзата му „побегна" за само дваесетина поени.
Следната, 24-та по ред, Балканска Олимпијада по Информатика (БОИ 2016), ќе се одржи идната година во Никозија, Кипар.