swMenuFree

Бронзен медал на Интернационалната Олимпијада по Информатика 2013

Бронзениот медал го освои Бојан Серафимов од Виница.

 

Најдобрите македонски информатичари, избрани од циклусот национални натпревари по информатика забележаа уште еден голем информатички успех. На 25-тата Интернационална Олимпијада по Информатика (ИОИ 2013), која од 6-ти до 13-ти Јули се одржува во Бризбејн, Австралија, македонскиот тим, составен од учениците Бојан Серафимов, Климент Серафимов, Росица Дејановска и Васил Кузевски, предводени од лидерите, м-р Миле Јованов и Емил Станков, освои бронзен медал. Овој резултат претставува продолжување на континуитетот на успешни претставувања на Македонија на интернационалните информатички олимпијади во последниве неколку години и нова потврда за знаењата од областа на компјутерските науки што ги поседуваат нашите ученици.

ИОИ е најпрестижниот годишен натпревар во програмирање за средношколци кој традиционално се одржува во една од земјите - членки на ИОИ заедницата. На ИОИ 2013 учествуваат вкупно 299 ученици, кои право на учество обезбедија преку националните натпревари во програмирање спроведени во 80 земји од целиот свет. Во ваква силна конкуренција, бронзениот медал за Македонија го освои Бојан Серафимов, ученик од Виница, а треба да се напомене дека и останатите тројца наши натпреварувачи постигнаа одлични резултати.

Според претседателот на Здружението на информатичарите на Македонија, Миле Јованов:

„Информатиката е олимписка дисциплина која на Македонија само во последните 4 години и има донесено 6 медали од интернационалната олимпијада и 22 медали од балканските олимпијади, што ја прави еден од најтрофејните дисциплини. За жал, Здружението на информатичарите на Македонија, како организатор на националните натпревари и организатор на учеството на интернационалните олимпијади редовно се соочува со проблеми во обезбедување на финансирање за спроведување на натпреварите и покривање на трошоците за патување. Бидејќи нема организирана поддршка, оваа година само дел од трошоците ги покрија Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство и компаниите Нетцетера и Ассеко-СЕЕ, додека останатите трошоци се на директен товар на учесниците.

Освоен медал на интернационална олимпијада значи полна стипендија за студирање директно од некој од најпрестижните светски универзитети по информатика која може да достигне и до 250.000 долари, што значи дека државата може да заштеди сума во таа висина, од програмата за стипендирање студирање на странски универзитети, со пренасочување на само мал дел од тие средства кон организација на натпреварите.“

Натпревар кој претстои на најдобрите македонски ученици по информатика е Балканската олимпијада по информатика, која ќе се одржи во септември, во Сараево, Босна и херцеговина.

Следната, 26-та по ред, Интернационална Олимпијада по Информатика (ИОИ 2014), ќе се одржи од 13-ти до 20-ти Јули во градот Тајпеј, Тајван.

Веб страна за Интернационалната Олимпијада по Информатика 2013: http://www.ioi2013.org.

Соопштение до медиуми за ИОИ 2013

© 2009-2022 Здружение на информатичарите на Македонија. Сите права се задржани.