Бронзен медал и две олимписки пофалби на ЈБОИ 2021

Нов успех на македонските јуниори - информатичари: Бронзен медал и две олимписки пофалби на Јуниорската балканска олимпијада по информатика

 

На 14-тата по ред Јуниорска балканска олимпијада по информатика (ЈБОИ 2021), која од 24-ти до 28-ми август се одржа во облик на онлајн натпревар, младите македонски ученици – информатичари постигнаа нов успех, освојувајќи еден бронзен медал и две олимписки пофалби. Бронзениот медал за Македонија на ова престижно меѓународно натпреварување го освои Јован Михов од Скопје, а олимписки пофалби им беа доделени на Давид Каранфилов од Радовиш и Сара Стефановска од Крива Паланка. Четврти член на македонскиот тим беше Јована Трифуноска од Тетово, а тимот беше раководен од лидерите, д-р Миле Јованов и м-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Овие ученици беа избрани преку целогодишен циклус на натпревари, којшто редовно се организира од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), а оваа година се одржуваше по 32-ри пат. Во учебната 2021/2022 година, тие ќе бидат ученици во Математичко-информатичката гимназија во Скопје.

Официјален домаќин на ЈБОИ 2021 беше Романија, а главен организатор беше Здружението за извонредност и перформанси во информатиката на Романија (Society of Excellence and Performance in Informatics). Заради пандемијата, оваа година за прв пат Јуниорската балканска олимпијада по информатика се спроведуваше онлајн, при што натпреварувачите од секој национален тим беа надгледувани од страна на нивните лидери. Дополнително, заради обезбедување на комплетна регуларност на натпреварот, натпреварувачите беа и под постојан видео надзор (видео камера и софтвер за снимање на сите активности на натпреварувачот на компјутерот на кој што работи). Македонскиот тим се натпреваруваше од просториите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), кој ги овозможи сите услови за квалитетно техничко поврзување со Романија.

На годинешната Јуниорска балканска олимпијада по информатика учествуваа тимови составени од најмногу четири натпреварувачи – ученици до 15,5 години, од следните десет Балкански земји: Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Македонија, Молдавија, Кипар, Романија, Србија, Словенија и Турција.

Доколку условите го дозволат тоа, следната, 15-та по ред, Jуниорска балканска олимпијада по информатика (ЈБОИ 2022) ќе се одржи идната година, на лице место – во Никозија, Кипар.

 

Соопштение до медиуми за ЈБОИ 2021